” Да не ми остане семето во темнина
Земјата да не ми огрубее и овенее
И низ пламенот отворам пат
Породот кон сонце го водам.”
(“Зрно” Р. Павловски)
За Патрон на училиштето го имаме Ѓорче Петров, еден од многуте македонски достоинственици. За Патрон го имаме името на човекот кој имаше верба во иднината на Македонија како Гоце, како Даме, неговите современици. Роден е на 2 април 1864 година во Варош,Прилепско. Учел во Прилеп и Солун и бил наставник во повеќе градови во Македонија. Од 1895 година станал член на ЦК на ВМРО. Додека работел како професор на битолската и солунската гимназија го издавал весникот “На оружје”.
Заедно со Делчев водел бескомпромисна борба за зачувување на самостојниот карактер на македонското национално револуционерно движење од сите надворешни напади, особено од Бугарите. Бил затваран од бугарските власти и интерниран во Трново и Казанлак. Заедно со Делчев ги изработиле Уставот и Правилникот на Организацијата. Со група македонски револуционери бил за неодобрување и неприфаќање на решението на Централниот комитет во Солун од 1903 година за кревање на востанието во Македонија. Длабоко верувал дека ќе пропадне востанието поради недоволна вооружена подготвеност и непогодно избран момент, но зел учество во Илинденското востание.
По неуспехот на востанието бил длабоко разочаран и заминал за Софија. По Првата Светска војна особено се борел против поделбата, распарчувањето на Македонија секогаш истакнувајќи дека е за самостојна и независна Македонија. На 28 јуни 1921 во Софија е убиен од врховистички агенти. Професор Гане Тодоровски за Ѓорче Петров запишал: ” Ѓорче Петров падна како жртва на разулавени убијци затоа што претставуваше личност со неполулан авторитет. “
По зрелоста на своите погледи за целта и методите на борбата, по упорноста и способноста со збор и дело да се брани независноста на македонското, национално – револуционерно движење спаѓа во редот на најголемите фигури на македонското ослободително движење во чиишто редови бил цели 25 години. Имал водечка улога во интелектуално – идејното осмислување на македонското револуционерно движење и визионерски формат. И затоа не случајно ќе биде избран за прва жртва на црниот список на политичките убиства во Бугарија меѓу 1921 И 1934 година.
Коле Чашуле, авторот на драмата “Црнила”, сведочи како Ѓорче Петров ја носел Македонија во себе:
“Сите ние сме Македонија и секој од нас е по една Македонија. Ќе ја сретнеш низ ненашите векови, и ништена, и горена, и корната, и одлепувана, и набивана на кол, и раселувана, и одродувана, и кована во пранги, и прогонувана по сите белосветски прогонства и пустини и пак, одново никната само таму каде што дотрајале, достојале нејзините човечки ластари и каде што изнаоѓале во себе си и сила и маштина одново македонски да заврзат. Само таму. ”
Ѓорче Петров како истакнат македонски револуционер и публицист, писател и историчар, општественик и идеолог на борбата за македонска самостојност на страниците од весникот “Бунтовник” ќе запише:
“Нашата должност кон својата татковина не се запира само до сувото апелирање. Ние треба да зафатиме една систематична борба и да објавиме војна против нашите тирани. Но за една таква дејност е потребно здружување на сите Македонци. Ние сите треба да се обединиме и заедно да дејствуваме. “
Триесетгодишниот Ѓорче Петров верува во сопствените сили на својот народ и резонира со разум на револуционерен водач дека победата се открива низ решението да се живее слободно, дека за да се постигне тоа треба да се води борба на живот и смрт. Ѓорче настапува од позиции на теоретичар на македонската револуција на страниците од списанието “Лоза”. Мотото на ова списание била Софоклевата мисла: “Ништожник е оној кој има подобар пријател од татковината. ” Ако Делчев е наречен душата на Внатрешната организација, Ѓорче Петров е општопризнатиот дипломат на организацијата. Од овие македонски првоапостоли и Јане Сандански го добива своето идеолошко просветлување. Сите тројца се бореа заедно против непријателите и тројцата умреа од непријателските куршуми.
Од стојалиште на внимателни читатели на историјата читаме запишано за Ѓорче: Беше кореспондент со генерациите кои на сцената ќе стапат со години и со децении, а тоа значи не само во своето време, туку беше и пред своето време. Ги надвишуваше во многу нешта своите современици и своето време. Културен деец на еден народ и земја на кои константно им вртеле и на кои уште им вртат грб не само моќните, туку и самата историја.
Преку своето дело најсветло и најсвето ја инаугурира зареченоста на макдонскиот народ дека само преку борба може да се дојде до слобода и дека слободна ја сакаат татковината. Неговиот трагичен крај е сведочење за сите наши трагични пресметки, за сиот оној крвав балкански бал под маски во нашата историја што не престанува да се игра се до наши дни. Сите дневни весници во Софија ја објавиле веста за смртта на Ѓорче Петров.Неговиот близок пријател и соработник Антон Страшимиров напишал:
,,Овој самороден титан на македонската револуција, историјата ќе го признае за еден од четирите столбови во величествената епопеја на злосреќниот мал народ, во еден ред со Даме Груев , Гоце Делчев и Пере Тошев‘‘.
Македонскиот поет Радован Павловски запиша:
“Оние поединци од народот кои го ослушнуваа големото срце на народот како свое не му припаѓаат на светот на минатото, туку на светот на денешнината и иднината. ”
Овој момент на одбележување педесетгодишен јубилеј нека биде само еден дорек на родољубието и загледувањето во делото на достоинственикот, Патронот на нашата гимназија Ѓорче Петров. Ѓорче Петров е име чие воинствено слово треба да се варди заради националното траење, бидејќи се работи за деец чиј глас е предупредување разлеано по сите бразди и меѓи на оваа земја за да ја довардиме Македонија и да остане во наследство на цврстото македонско племе, пиреј според Петре М. .Андреевски.
Исправени сме пред обврската да ја проследиме историската вертикала на Ѓорче Петров согледувајќи ја трагиката на великанот, а притоа сопствената возбуда нека биде потврда дека ги крепиме изданките на поколенијата. Разбирливо, дека оваа сензибилност и почит на поднебјето на Македонија им ја должиме на сите оние кои не научија како да ја сакаме родената земја Македонија, а меѓу нив е името на Ѓорче Петров. На големите дејци, од типот на Ѓорче Петров, не им се потребни посредувачи и долги коментари затоа што делата се нивната единствена легитимација. И се подари и посвети на Македонија.
Извадок од Монографијата на СОУ Ѓорче Петров