Денес во големата сала на Општина Крива Паланка се оддржа работна средба на која присуствуваа министерката за образование и наука Мила Царовска, градоначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски, градоначалникот на Општина Кратово Д-р Љупчо Бојаџиев, директорите на средните училишта од Крива Паланка и Кратово, претставник од платформата за јавно приватен дијалог и претставници од компаниите.
Настанот е дел од процесот за унапредување на средното стручно образование, што го започна Министерството за образование и наука со поддршка на Швајцарската амбасада.
Основна цел на овој процес со мото „Учи паметно, работи стручно“ е низ еден транспарентен социјален дијалог со сите чинители на општествениот живот, да се идентификуваат потребите од отворање на одредени профили и паралелки, во средните стручни училишта во градовите низ државата од идната учебна година.
Реални се потребите и очекувањата од учебната 2021/22 година, во СОУ „Ѓорче Петров“ да се очекува отворање на здравствена струка, машинска, електротехничка и угостителско-туристичка струка.
По дебатата претставници од Министерството за образование и наука го посетија нашето училиште и се запознаа со условите и начинот на изведување на настава во училиштето.