Фондот за донации „Бел Идеал“ од Париз, Франција ги препозна јазичните вештини и способности за владеење на францускиот јазик кај младите креативни франкофони од Крива Паланка, а со цел да ги поттикне и понатаму да ги надоградуваат своите знаења, организираше меѓународен натпревар по француски јазик за најдобар стрип во соработка со ООУ „Јоаким Крчовски“ и СОУ „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка на почетокот на второто полугодие од учебната 2020/2021 година.
Стрипот како форма на уметничко изразување, честопати наречена „деветта уметност“, беше голем предизвик за учениците да учествуваа на натпреварот. Младите франкофони од Крива Паланка имаа можност да ја покажат нивната креативност како и нивните јазични вештини од областа на францускиот јазик, креирајќи стрип на една од понудените теми: зимски распуст, необично патување и мојот незаборавен ден при тоа почитувајќи ги дадените насоки за учество на натпреварот.
Креативните франкофони од нашето училиште твореа како вистински уметници, а најуспешни на натпреварот беа учениците: Горана Симонова од I година, Бијанка Миленковска од II година и Марко Величковски од III година. Учениците работеа под менторство на наставничките по француски јазик Сашка Младеновска, Елена Ѓорѓиевска и Дијана Стоилковска – Цветковска.
Фондот за донации Бел Идеал, застапуван од страна на нејзиниот основач, г-ѓа Јадранка Бојковска Бенрејдал, им се заблагодарува на професорите по француски јазик Елена Николовска, Сашка Младеновска, Елена Ѓорѓиевска и Дијана Стоилковска Цветковска како и на учениците учесници на натпреварот, за нивниот огромен интерес и вложениот труд во текот на натпреварот.
Сите учесници на натпреварот беа наградени од страна на организаторот, а победниците на истиот добија таблети и паметни телефони. Ведрите и насмеани лица на вредните ученици се дополнителен мотив за понатамошните франкфонски натпревари и активности кои ќе се реализираат во текот на месецот на франкофонијата.
Честитки за сите учесници на натпреварот, а посебни честитки за победниците на истиот.