СОУ „Ѓорче Петров“ своето постоење го бележи од далечната 1960 г. кога на петти септември со одлука на Народниот одбор на Крива Паланка започнува со работа под името „Моша Пијаде“. Во своите почетоци, училиштето работи во адаптирани простории во зградата на ЦОУ „Јоаким Крчовски“ во централното гратско подрачје со вкупно 97 ученици, распоредени во три паралелки. Од учебната 1964/1965 год училиштето се најде на денешната локација на ул. „8 Октомври“ бр.91, каде од 8.6.1987 година се преименува во УСО „Моша Пијаде“. На 13.9.1993 год. името на првиот Патрон на училиштето ќе биде заменето со името на големиот македонски револуционер Ѓорче Петров, а на 10.4.2006 година го доби денешното име СОУ „Ѓорче Петров“.